Интервенцијата на јавниот сектор како движечка сила не се исцрпува само со различните политички средства (кои се елаборирани во поедини поглавја на оваа Програма) туку и со примена на одреден број нови средства кои ќе треба да се дизајнираат за потребите на ревитализацијата на Чаршијата но и со максимална функционализација на можностите од постојната законска регулатива (Закон за заштита на културното наследство, Закон за градење, Закон за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење, Закон за јавно-приватно партнерство и концесии, Закон за експропријацијам како и други прописи и подзаконски акти.).
Оваа потреба е од круцијално значење бидејќи согласно оваа Програма се предвидува партнерско и копродукциско умрежување на јавниот со приватниот сектор .
Според тоа, за спроведување на успешна соработка меѓу јавниот сектор (државно и локално ниво) и приватниот (сопственици, инвеститори), јавниот сектор ќе треба во кус рок да ги дефинира правните инструменти кои се идентификувани во Програмата, а по потреба да ги прошири или да идентифицира нови .
Флексибилност ќе мора да постои бидејќи и самиот процес на ревитализација е непредвидлив во проблемските ситуации кои ќе се создаваат.
Области во кои ќе треба цврсто користење на правните инструменти (согласно постојната состојба) се:
- Политика за имотно правните односи и јавна употреба на земјиштето;
- Политиката на непосредна заштита;
- Урбана политика;
- Даночна политика,
- Економска политика
Правните инструменти (законските, подзаконски акти и актите на општините) се однесуваат на горенаведените политики како на национално така и на локално ниво.
1. ПОСТОЈНА СОСТОЈБА ВО ПРАВНИТЕ ИНСТРУМЕНТИ
1.1 ИМОТНО ПРАВНИ ИНСТРУМЕНТИ - ПРОБЛЕМИ
Имотно правниот аспект на споменичката целина ги има следните категории:
- Имот на РМ со кој стопанисува ЈПССДП – 262 објекти
- Имот на Македонската православна црква – 7 објекти и 1 верски комплекс
- Имот на Исламска верска заедница 4 верски објекти и 66 деловни објекти
- Имот во приватна сопственост
- Основен проблем од кој произлегуваат низа проблеми, потешкотии и недостатоци во стопанисувањето со деловните единици во Старата скопска чаршија, е во најголем дел немање докази за сопственост за тој деловен простор, или непостоење на имотни листови за истите.
- Проблемот со најавената (претпоставената) сопственост на голем дел од деловните простори од страна на Исламска верска заедница (за која до ден денес нема докази – имотни листови)
- Еден дел од деловните единици се во групта на ,, национализирани имоти,, за кои од страна на Министерството за финансии парцијално и повремено – но не во голем број се добиваат информации за враќање на деловен простор на старите сопственици, но за голем број ЈПССДП нема информации дали воопшто е покрената постапка за денационализација.
- ЈПССДП на РМ од 2008 година активно почна со постапката за изложување на деловниот простор во Старата скопска чаршија (таму каде беа создадени услови). Од тогаш во голем број на изложени деловни единици од Агенцијата за катастар на недвижности се добиени решенија – потврди , за упис на истите како сопственост на РМ, но се уште нема имотни листови.
- Во врска со најавената сопственост на голем дел деловни простори од страна на Исламската верска заедница, нема информации дали воопшто се води некаква постапка за докажување.
- За национализираните имоти во Министерството за финансии сеуште се водат постапки за враќање на имотите, но дали се завршени и за кои деловни единици во чаршијата се водат не е познато.
1.2 ПОСТОЈНА СОСТОЈБА – ЗАКОНИ, ПОДЗАКОНСКИ АКТИ И МЕЃУНАРОДНИ ДОГОВОРИ КОИ ГО РЕГУЛИРААТ УРЕДУВАЊЕТО (ПЛАНИРАЊЕТО) НА ПРОСТОРОТ НА ЧАРШИЈАТА
- Закон за просторно и урбанистичко планирање (Службен весник на РМ бр.24/08);
- Закон за заштита на културното наследство (Службен весник на РМ бр.20/04 и 115/07);
- Закон за културата (“Службен весник на РМ“ бр.31/98, 66/03,-пречистен проект, 82/05 и 24/07)
- Закон за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење (Службен весник на РМ бр.130/08);
- Закон за користење и располагање со стварите на државните органи (“Службен весник на РМ“бр.8/05 и 150/07),
- Закон за експропријација (“Службен весник на РМ“бр.33/95, 20/98, 40/99, 31/03 и 46/05),
- Закон за спроведување на Просторниот план на Република Македонија (“Службен весник на РМ“39/04)
- Закон за градење (“Службен весник на РМ“бр.51/05, 44/06 и 82/08),
- Закон за рамномерен регионален развој (“Службен весник на РМ“бр.63/07)
- Закон за заштита и спасување (“Службен весник на РМ“36/04, 49/04 и 86/08)
- Генерален урбанистички план на град Скопје (усвоен 2002 година);
- Детален урбанистички план за Старата чаршија (усвоен 2000 год.);
- Урбанистички проекти кои произлегуваат како обврска од Деталниот
урбанистички план за Старата чаршија (постои ли сеуште)
Покрај наведените прописи релевантни се и повеќе подзаконски акти од областа на заштитата на културното наследство и тоа:
- Уредба за посебните мерки на заштита на културното наследство во воена и вондредна состојба (“Службен весник на РМ“бр.56/08)
- Правилник за конзерваторски истражувања (“Службен весник на РМ“бр.115/05),
- Правилник за валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство (“Службен весник на РМ“бр.115/05)
- Правилник за содржината и методологијата за изработка на заштитно-конзерваторски основи за културното наследство (“Службен весник на РМ“бр115/05)
- Правилник за конзерваторските проекти (“Службен весник на РМ“бр.44/06).
- Правилник за археолошките истражувања (“Службен весник на РМ“бр.115/05).
- Правилник за употреба на знаци за културното наследство определени со меѓународен договор (“Службен весник на РМ“бр.25/05).
Од ратификуваните меѓународни конвенцииод областа на заштитата на културното наследство, за недвижното културно наследство, предметни се следниве конвенции:
- Конвенција за заштита на светското културно и природно наследство (Париз, 1972)
- Ревидирана европска конвенција за заштита на археолошкото наследство (Валета, Малта 1992)
- Конвенција за заштита на архитектонското наследство на Европа (Гранада, 1985)
- Конвенција за заштита на културните добра во случај на вооружен судир (Хаг, 1954)
- Вториот протокол на Хашката конвенција од 1954 година за заштита на културните добра во случај на вооружен судир (Хаг, 1999)
1.2.1 Постојни важечки урбанистички планови – ДУП –ови и ГУП
- Детален урбанистички план за Стара чаршија (усвоен 2000 год.), за споменичката целина и дел од нејзината контактна зона;
- Детален урбанистички план локалитет Рубин (донесен 2006), за дел од споменичката целина;
- Детален урбанистички план Мавровка (донесен 2006) , за контактна зона Мавровка, за парцијални измени кои се во процедура;
- Детален урбанистички план Мал ринг (измени и дополнувања во 2007, 2008 и 2009 година), за контактна зона Мост;
- Детален урбанистички план за Дуќанџик (донесен 2004), за контактна зона Дуќанџик. Во фаза на донесување е нов план.
- Генерален урбанистички план на град Скопје (усвоен 2002 год.) иницирано е донесување на нов Генерален урбанистички план на град Скопје.
1.2.2 Проблеми кои произлегуваат од законската регулатива и планските документи
- Неусогласеност на одредбите од чл.50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање со одредбите од член 73 од Законот за заштита на културното наследство и обврската од деталниот урбанистички план за старата чаршија за задолжителна изработка на архитектонско-урбанистички проект.
- Непостоење на конзистентен систем на урбанистичко планирање (чести промени на законите и правилониците за планирање).
- Централизирано водење на урбаната политика,
- Централизирана институционална поставеност на заштита на недвижното културно наследство,
- Непостоење на координација во работата на општинските служби (меѓусебна и со градот).
- Неусогласена административно – територијална поделба од 2005 година со ГУП за град Скопје од 2002 година.
- Неусогласеност на решенијата во Генералниот урбанистички план на град Скопје и Деталниот урбанистички план за Старата чаршија со пропишаните граници на Старата скопска чаршија во Закон за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење.
- Донесување на повеќе планови за територијата на заштитеното подрачје (за споменичката целина треба да постои еден единствен детален урбанистички план);
- Непостоење на континуитет и синхронизираност помеѓу различни нивоа на изработка на урбанистичка документација (Генерален план, Детален урбанистички план, Урбанистички проект).
- Непостоење на финансиска основа за реализација на урбанистички планови.
- Се уште не изработени заштитно-конзерваторски основи од страна на надлежната установа-Конзерваторски центар-Скопје
1.3 ПРАВНИ ПРАЗНИНИ
За управувањето со споменичката целина на Старата Скопска чаршија предметни се уште неколку подзаконски акти, кои се предвидени со Законот за заштита на културното наследство, кои до сега не се донесени.Тоа се следните акти:
- Правилник за видот, содржината, стандардите, нормативите и начинот на документирање на културното наследство (член 36 став 2 од Законот)
- Правилник за националниот знак за заштита и начинот на означување , како и за поставување други ознаки на културното наследство (член 48 став 4 од Законот)
- Правилник за непосредна заштита на културното наследство (член 88 став 10 од Законот)
- Посебна методологија за процена на штетата на културното наследство во случај на вооружен судир и природни непогоди (член 109 од Законот)
- Правилник за методологијата и начинот на вршење на конзерваторскиот мониторинг (член 11 став 3 од Законот)
- Правилник за критериумите за разграничување на редовните и вондредните трошоци и за начинот на остварување на правото на вондредни трошоци за културното наследство (член 124 став 5)
Од нератификуваните меѓународни конвенции, предметна за заштитата на Старата Скопска чаршија е Рамковната конвенција за значењето на културното наследство за општеството (Фаро, Португалија, 2005).
1.3.1 Проблеми кои произлегуваат од непримена на законски мерки
- Нередовно и во недоволен обем врешење на инспекциски надзор од страна на надлежните субјекти по однос на контрола за придржување кон добиените плански дозволи и услови на функционирање;
- Не примена на санкции на рушење или отстранување на недозволени интервенции иако истите како законска можност се содржани во Законот за заштита на културното наследство (Оддел 2 – должности на имателите).
- 1. ПРАВНИ ИНСТРУМЕНТИ ВО НАСОКА НА РЕВИТАЛИЗАЦИЈАТА
2.1 ПОТРЕБНИ ПРАВНИ ИНСТРУМЕНТИ ВО ПОЛИТИКАТА НА ИМОТНО ПРАВНИ ОДНОСИ И ЈАВНА УПОТРЕБА НА ДОБРА (ЗЕМЈИШТЕ)
За да се отпочне со процесот на ревитализација, како и за навремено да се предвидат сложените ситуации, неопходно ќе е локалните и националните власти директно да учествуваат во активностите поврзани со недвижностите, но притоа почитувајќи ги социјалните цели на Програмата.
2.1.1 Правни мерки во „чекори“ кај приватните добра без посебен заштитен режим.
Еден од клучните аспекти кој мора да се има во предвид е фактот дека како и секаде во светот така и во Чаршијата, која е простор предвиден за ревитализација и урбана рехабилитација, СОПСТВЕНИЧКИТЕ ПРАВА СЕ ОГРАНИЧЕНИ, односно со Законот за заштита на културното наследство се утврдени посебни права и должности за имателите на заштитени добра.
Со цел зачувување на сопствениците во просторот на Чаршијата и реализација на социјалната димензија на ревитализацијата, со Програмата се предвидуваат „мерки во чекор“, со кои ќе се избегне или одложи законската ригидност по однос на должностите и посебните ограничувања на имателите на добрата.
- ЧЕКОР 1
Примена на механизмите за „финансиски олеснувања“, со предимство на
примена особено за сиромашните иматели . Овие олеснувања, во вид на
фискални олеснувања, субвенции, посебни банкарски или друг вид кредити и сл. се објаснети во одделот „финансирање.
Во примената на истите, со имателите на добрата јавниот сектор како и другите даватели на „олеснувањата“ ќе треба да водат преговори кои ќе резултираат со правни документи за:
– Партнерство
– Договори
– Спогодби и др.
- ЧЕКОР 2
Во колку имателите не ги исполнат обврските и после добивањето и „искористување“ на средствата од „олеснувачките“ правни инструменти (партнерски и друг вид договори, спогодби и сл.) ќе треба да се постапи во согласност со Законот за заштита на културното наследство , што ќе значи законско определување на старател на доброто (член 136), враќање во поранешна состојба (член 139), право на првенство на купување (член 140, 141) и др.што ќе треба прецизно да се регулира во Стратегијата која ќе произлезе од Програмата.
- ЧЕКОР 3 - ПРЕСЕЛБА
Во случај кога не постојат други можности во остварувањето на сопственост над објектите кои ќе служат за потребите на ревитализацијата ќе треба да се осмислат механизми за преселба на сопствениците со можност за замена со друг простор и сл.
- ЧЕКОР 4
Во колку имателите не ги исполнат обврските и после здобивањето со ,„олеснувачки“ или друг вид бенефиции и помош од буџетот на РМ ќе треба да се постапува согласно Законот за заштита на културното наследство (заложно право, експропријација, хипотека).
2.1.2 Правни мерки за објектите со посебен заштитен режим
Заради потребите на ревитализација од една страна и заради посебната историска вредност на средновековните профани градби кои согласно категоризацијата претставуваат културно наследство од јавен интерес, како и долгогодишните вложувања на државата во нивната непосредна заштита, ќе треба истите да се експроприраат согласно важечката законска регулатива.
Овој аспект е многу важен бидејќи најголемиот број од овие градби денес се во функција (музеи, галерии академско образование – ликовна академија) и истите се двигатели на културниот живот во просторот со што го претставуваат почетниот ревитализациски капитал во функционална смисла.
2.1.3. Катастарска идентификација на споменичката целина
Субјекти - Катастар
Во оваа насока неопходно е спроведување следното:
-дополна на картирање на споменичката целина,односно нанесување на границите на споменичката целина на геодетска подлога во Р 1:1000,
-впишување на забелешка за заштитниот статус во катастарска евиденција и документација, односно ставање забелешка во имотните листови на поединечните недвижни добра, дека истите се наоѓаат во состав на заштитена целина прогласена како културно наследство.
2.1.4. Идентификација на имателите
- Основни податоци за идентификација,
- Прибавување на имотни листови,
- Прибавување на правна документација (купопродажни договори и сл.).
2.1.5. Користење на добрата по пат на концесии
Ќе треба да се искористи законската можност за користење на недвижно наследство од особено значење во вид на концесија, во форма и вид кои се пропишани со постојната законска регулатива (Закон за заштита на културното наследство, Закон за јавно-приватно партнерство и концесии), а која во посебните договори ќе биде допрецизирана. Согласно законите можно е концесијта да се даде на домашно но и на странско правно или физичко лице.
2.1.6. Денационализација
Министерството за финансии (Комисија за денационализација) ургентно да го заврши процесот на денационалзација на добрата со Старата скопска чаршија,со цел непречена операционализација на процесот на ревитализација. За таа цел нужно е итно спроведување на ревалоризација на поединечните објекти кои се со отпочнат процес за денационализација.
Субјекти - Министерство за култура
2.2 МЕРКИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ПОСТОЈНАТА УРБАНА РЕГУЛАТИВА
Императиви
- Да се промени старата и нефункционална форма на урбанистичко планирање за Чаршијата и да се воведе нов „интерактивен“ инструмент како и формата архитекноско-урбанистички проект
- Да се воведе форма архитекноско-урбанистички проект во урбанистичкото планирање на Чаршијата
- При урбанистичкото планирање ќе мора да се почитуваат усвоените заштитно конзерваторски основи кои се однесуваат на заштита на архитектонското и на постојното археолошко наследство како и во однос на она кое може да се појави при градежни интервенции.
- Наспроти горното, проектите за ревитализација ќе мора да ја почитуваат правната рамка во урбанистичките планови (ГУП – ови и ДУП – ови) особено онаа која се однесува на намена (функции) во просторот (општи или посебни).
- Стручните тимови задолжени за ревитализација (обработени во глава мултидисциплинарно управување) ќе треба да бидат вклучени при изработката на програмите за новиот ГУП (или негова корекција), а особено во ДУП овите за Чаршијата, но и на оние за контактните зони. Ова е потребно за да се обезбеди вистинско вклучување и вообличување на целите и приоритетите на оваа Програма.
- Урбаната политиката и заштитната политика ќе мора да бидат во можност да ги насочуваат урбанистичките активности на различни начини:
- Издавање на одобренија за градба;
- Рушење на дивоградбите или друг вид непропишани интервенции (за што условите мора да бидат многу строги)
- Друго.
- Новите пристапи во планирањето треба да се базираат на следниве принципи: Партиципација (активно учество на граѓаните во сите фази на развојот), транспарентност (процесот мора да биде отворен и секој да има пристап до информациите и одлуките), флексибилност (барање на креативни и оригинални решенија).
2.2.1 Изготвување на нова урбанистичка документација и корекција на акти
- Итно усогласување на решенијата на генералниот урбанистички план на град Скопје со одредбите и границите пропишани во законот за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење.
- Да се исклучи примената на одредбите од член 17 став 6 од Законот за просторно и урабанистичко планирање за финансирање на детални
урбанистички планови од заинтересирани правни и физички лица за територијата на Старата скопска чаршија;
- При изработка на плановите да се користат софистицирани методи и софтвери , примена на GIS.
- Итно да се функционализираат постојните законски мерки (согласно Законот за заштита на културното наследство и Законот за Чаршијата) со цел да се спречат натамошни деструкции на архитектонските градби и во отворениот простор (мерки на рушење, казни и сл.);
- Донесување на детални урбанистички планови за контактните зони Дуќанџик, Мавровка и Мост во рамките на границите и динамиката на донесување пропишани со Законот за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење;
- Донесување на детален урбанистички план за споменичката целина во рамките на границите и динамиката на донесување пропишани со Законот за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење и со оваа Програма
Субјекти - (Види табела)
2.3 ИЗГОТВУВАЊЕ НА НЕОПХОДНА ЗАШТИТНА ДОКУМЕНТАЦИЈА
-Уште во текот на 2009 и 2010 - та година согласно Законот за Старата чаршија ќе треба да се донесе и изработати следната документација:
- заштитно конзерваторски основи (2009 – та година)
- Студија на постојната состојба на јадрото (2009 – та година)
- довршување на Инвентаризацијата на Старата скопска чаршија
(2009 – 2010 година).
- изработка на архитектонска документација на интегрални улични фасади (по блокови 2009 – 2010 за потребите на архитектонско урбанистичкиот проект)
- изработка и довршување на дефицитарна архитектонска документација за поединечни објекти (2009 – 2012 за потребите на архитектонско урбанистичкиот проект)
- изработка на конзерваторски проект за интегрални улични фасади (2009 – 2010 за потребите на архитектонско урбанистичкиот проект)
- конзерваторско реставраторски проекти за поединечни загрозени објекти: Фенерли ан, Турски ан, Ан хотел Шар, Вакувски ан, Ќурчиски ан, Араста џамија, Ѓулшен амам, Коњушница на Кушумли ан (2010 – 2014).
- козерваторско реставраторски проект за презентирање на остатоците од средновековни зидови и кули (Подградие 2009 - 2011)
Субјекти - (Види табела)
2.3.1 Валоризација, ревалоризација
- Итна ревалоризација на поединечни добра во состав на Споменичката целина со цел да се донесат соодветни акти за заштита на културното наследство согласно Законот за заштита на културното наследство.
- Приоритет во вршењето на валоризација и ревалоризација и во донесувањето соодветни акти за заштита треба да имаат недвижните добра кои се предмет на постапки на денационализација.
- донесување на акти за прогласување на поединечните добра во состав на споменичката целина за културно наследство во постапка пропишана со закон, за објектите во државна сопственост кои се предмет на денационализација
Субјекти - Министерсто за култура
Реализација: 2009/ 2010
2.3.2 Инвентаризација и документирање
За потребите за управување со заштитеното добро потребно е формирање на дата база за архивска документација за старата чаршија(2009 – 2011) во која освен основната документација која мора да се систематизира ќе треба да содржи:
- аеро снимки за чаршијата
-фотограметриска документација
-Картографски приказ
-видео записи
-Фотодокументација и сл.
Субјекти - (Министерство за култура, Министерство за транспорт и врски, Катастар, Општините Центар и Чаир и др.)
Реализација: почнувајќи од 2009
2.4 ДОНЕСУВАЊЕ ПОДЗАКОНСКИ АКТИ
2.4.1 Донесување правилник за урбанистичкото планирање на Старата чаршија
Постојните правни инструменти во урбанистичките активности нема да бидат ниту доволни ниту доволно ефикасни во насока на комплексниот ревитализациски процес, дотолку повеќе што денешната состојба во Чаршијата е резултат на самите тие, што може да се согледа од прелиминарната проценка на постојната состојба на овој оддел. Покрај воведување на мерка “УРБАНИСТИЧКИ ПРОЕКТ” нужно ќе е и донесување на посебен Правилник бидејќи со постојниот општ правилник не ќе може да се делува позитвно.
Цели:
- Измена на законската неефикасна за Чаршијата регулатива (Закон за просторно и урбанистичко планирање и неговите подазконски акти) во однос на содржината и обработката на деталниот урбанистички план за споменичката целина, кој би требало да се разработи до ниво на урбанистички проект;
- Обезбедување конкретни за Чаршијата механизми кои ќе ја „олеснат“ и позитивно ќе ја ефектуираат релацијата на приватните субјекти и јавниот сектор во доменот на градењето;
- Обезбедување ефикасност и координираност на големиот број правни аспекти во регулирањето и имплементацијата на планските документи за Чаршијата како специфичен историски простор;
- Дефинирање на механизми за олеснување на контролата за проверка на законски ефикасно градење и санкционирање на недозволени дејствувања, а се со цел да се сочуваат сите елементи на просторот од трајно оштетување.
- Дефинирање на постапките, правата и обврските меѓу сите партнери од различни ресори и сектори кои ќе мора да се вклучат во креирањето и имплементирањето на урбанистичкото планирање и воопшто политика.
Правилникот ќе треба да ги дефинира сите норми за ДУП и урбанистичкиот проект. Изработката на Архитектонско-конзерваторски проект за секој објект (во кој проект информациите ќе се користат од „правниот арсенал“, картончиња, пропишани фасадни елементи градежни материјали и т.н.; сопственикот сам си го изработува при што тој мора да е вклопен во пропишаната урбанистичка визија за блоковската целина).
Субјекти - (Министерство за култура, Министерство за транспорт и врски)
Реализација: 2009 / 2010
2.4.2 Правилник за дозволени и рестриктивни градежни норми за Старата скопска чаршија
Гранадската конвенција бара од земјите потписнички да воведат правни процедури за „спречување на обезличувањето, оштетувањето или демолирањето на заштитените имоти“ (член 4 точка 2). За таа цел потребно е да се воведат обврски за сопствениците на споменици заштитени со законите. Покрај тоа согласно со конвенцијата, за да се избегне потребата од реставраторски дејства од голем обем, кои можат да бидат скапи и штетни за историската структура, би требало да се поттикнува редовното одржување.
Согласно тоа, регулирањето на видовите интервенции врз градбите и отворените простори од Чаршијата ќе треба да се дефинираат со посебен подзаконски документ Правилник со кој ќе се дефинираат дозволени, недозволени односно рестриктивни мерки. Правилникот ќе треба да се базира на постојните закони – Законот за заштита на културното наследство, Законот за Чаршијата, подзаконски акти како и Законот за градба.
Забелешка - Во колку се оцени дека ваков акт не треба да се изработи, Програмата сугерира измена и дополна на Законот за Старата скопска чаршија.
Цели на Правилникот (или измените во Законот)
- Формулирање на сите дозволени и рестриктивни интервенции кои ќе се применуваат врз секој поединечен објект, блок и отворените простори со цел да се избегнат било какви девастации.
- Да се овозможи секој заинересиран субјект (сопственик, корисник или инвеститор) да може во секој момент да добие релевантни податоци за објектот на својот интерес.
- Дефинираноста на видовите интервенции ќе овозможи брза и лесна проценка за потребните финансиски , технички средства, исплатливост и временски опсег за во случај на одлуки за интервенции што ќе е од големо значење за заинтересираните субјекти.
- Да се обезбеди јасно позиционирње на двете основни страни кои имаат интерес во Чаршијата – јавниот и приватниот сектор.
- Да се сочуваат есенцијалните карактеристики на архитектонскиот и урбанистичкиот идентитет на Чаршијата.
Аспектите кои ќе се регулираат со Правилникот ќе треба да се однесуваат за поединечни објекти, блоковите и отворените површини.
Поединечни објекти
а) систем од норми за видови на дозволени постапки кои ќе треба да се спроведуваат за да се сочува историскиот идентитет но истовремено земајќи ги во предвид оние фактори кои ќе го зајакнат развојот на Чаршијата (ќе ја помогнат ревитализацијата).
б) систем од рестриктивни норми кои попрецизно ќе го дефинираат зацртаното во законот за Чаршијата.
Правилникот ќе треба да ги дефинира одвоено прашањата за интервенциите врз дуќаните и за оние врз монументалните објекти кои уживаат посебна заштита.
Бидејќи дуќаните се доминантен содржај кој во голема мера го дефинира архитектонско урбанистичкиот лик на Чаршијата, со правилникот ќе треба да се дефинира и регулира следното:
- конструкции, градежни материјали и градежни техники
- примена на горното на фасади и латералните меѓусоседски страни, приземје, катови
- волумени и висини (минимална и максимална во случај на висински ресекции на волумените во длабочината)
- фасади, бои, отвори (врати, прозорци, витрини), материјали, големини и сл.
- покриви и покривни детаљи (оџаци, одводи и т.н.)
- знаци и реклами
- инсталации (осветлување, ПТТ и сл.)
- балкони, чардаци
- тенди и друг вид заштитни механизми
- норми за ентериерите
Отворени површини
Прашањата за отворените површини ќе треба нормативно да регулираат:
- Начин на поплочување
- Урбана опрема
- Инфраструктура (осветлување, телефон, канализација,вода и т.н.)
- Илуминација
- Хортикултура
Посебен сегмент на Правилникот ќе треба да претставува Листата за модификации.
Цели на Листата
Овој правен документ ќе ги опфати интервенциите кои ќе треба да доведат до „поправка“ на нарушените изгледи на објектите кои се во добра физича состојба, а кое нарушување е резултат на невнимателно проектирање, изведување или друг вид „унапредување“ настанато во последните децении.
Очекувани ефекти
1.Со овој сегмент ќе се обезбеди генерален увид за интервенциите со помал обем, лесна проценка на потребните финансиски средства и сл.
2.Давање конкретни информации на сопствениците, корисниците и инвеститорите за таквите интервенции
3. Увидот во генералниот обем на работи и нужни средства ќе можат да се подведат под „минимални интервенции“; и нивното спроведување ќе има можност да се реализира со „механизмите за олеснување“, (оддел финансии).
На овој начин или со приватно јавна поткрепа ќе се обезбеди брза и видлива трансформација на амбиентот во Чаршијата, а можностите за финансиски олеснувања ќе ги мотивираат сопствениците, корисниците и инвеститорите.
- Видливите трансформации ќе имаат едукативен карактер и ќе предизвикуваат натамошна самоиницијатива на сопствениците и корисниците за правилно унапредување на просторот.
Прашањата по однос на монументалните објекти кои уживаат посебен статус, се регулирани со Законот за заштита на културното наследство.
Субјекти - Министерство за култура
2.4.3 Акт за користење на јавните површини
Правилникот треба да содржи нормативни аспекти за поставување на летни бавчи, хортикултурно уредување на уличните фронтови, подвижни реклами, мобилни чадори, маси, столици, мобилни излози.
Актот треба да го изготви Градот Скопје на предлог на НУ Конзерваторски центар – Скопје.
2.5 БЕЗБЕДНОСНИ МЕРКИ
Да се донесат како официјален документ за заштита од незаконски дејствија и да се подготват планови на безбедносна заштита и тоа:
-План за заштита од пожари
-План за посебни мерки за заштита во воена и вонредна состојба
2.6 ОЗНАЧУВАЊЕ НА ЗАШТИТЕНОТО ПОДРАЧЈЕ СО НАЦИОНАЛЕН И МЕЃУНАРОДЕН ЗНАК ЗА ЗАШТИТА
Означувањето е во насока на информирање и предупредување за заштитениот статус на Старата Скопска чаршија.
2.7 ПЛАН ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ПРОЦЕСОТ НА РЕВИТАЛИЗАЦИЈАТА
Согласно европските референтни документи во областа на урбаната рехабилитација односно ревитализација, правниот статус на ревитализацијата на Чаршијата, покрај со Програмата ќе треба да се утврди со уште еден правен инструмент, а тоа ќе е Планот за управувана промена на Чаршијата.
Планот за управување е потребно да се донесе до крајот на 2010.
Овој правен инструмент кој ќе треба да произлезе од Програмата ќе биде главна интервенција на јавниот сектор што ќе треба веднаш да се донесе по прифаќањето на Програмата.
Планот за управувана промена на Чаршијата ќе треба да ги содржи следните клучни сегменти:
А) Анализа на постојната состојба (SWOT и PEST) со неизоставен пресек кон сите аспекти кои се третирани со оваа Програма
Б) Стратешки подрачја за интервенции
(заштита, култура, занаети, мали бизниси, угостителство, туризам и т.н.)
В) Имплементациони проекти
Г) Динамичен план
Д) Финансиски план
Ѓ) Учесници,субјекти,целни групи
Е) Очекувани резултати
Ж) Механизми за евалуација
Конкретно, ќе треба да се дефинираат проблемите и нивните извори, цели, подрачја и опфатот на интервенции, проритетните места, планот на активности (имплементација), човековите ресурси и финансиските средства неопходни за реализација.
Со Планот ќе треба да се дефинираат и управувачките механизми кои ќе треба да бидат вклучени како и партнерите од јавниот и приватниот сектор што ќе учествуваат во рехабилитацијата.
Ќе треба да се дефинира институцијата која ќе ја контролира физичката состојба на јадрото односно над целокупниот јавен и приватен имот по пат на мали интервенции и годишно одржување, и ќе го спречува посериозното пропаѓање на Чаршијата и сл.
Субјекти - Мултидисциплинарен експертски тим
Реализација: до крајот на 2010.
2.8 ФОРМИРАЊЕ НА ГРАДЕЖНА ИНСПЕКЦИСКА СЛУЖБА И УРБАНА ПОЛИЦИЈА ЗА СТАРАТА СКОПСКА ЧАРШИЈА
Со цел ефикасно следење на секојдневните промени во чаршијата и навремено санкционирање на бесправните градежни интервенции неопходно е во рамките на инспекцијата за заштита на културното наследство во состав на Управата за заштита на културното наследство, да се формира посебна организациона единица за Чаршијата, што е дефинирано со Законот за Старата Скопска чаршија.
Исто така е потребно во општините Центар и Чаир кадровски да ги зајкнат службите за надзор во општината со цел за навремено санкционирање на бесправните градежни интервенции.
2.9 МЕРКИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ПРАВНАТА РАМКА ВО УПРАВУВАЊЕТО
-Создавање на посебна правна основа во Законот за заштита на културното наследствопреку вградување на нови одредби кои ќе се регулираат отворените
Прашања кои се однесуваат за плановите за управување со заштитени подрачја од културно и историско значење.
- Донесување на подзаконските акти кои недостатуваат, а кои произлегуваат од законот за заштита на културното наследство.
- Од приоритетно значење е иницирање постапка во Министерството за транспорт и врски за измена на прописите за просторно и урбанистичко планирање со цел создавање на правна основа за заштитените подрачја кои претставуваат една целина а припаѓаат на две или повеќе општини да с донесува еден детален урбанистички план.


